дома    |    кошничка    |    контакт    |    english
 
  За Брилијант    Масла за јадење    Млечни производи и месо    Останати дејности    Награди   
 
 

БИО ДИЗЕЛ – Еколошко гориво по европски стандарди

Скопје, 26.04.2006: Штипската компанија “Брилијант“ и германската ГЕА Вестфалија, денес, во Стопанската комора на Македонија, го потпишаа договорот за технолошка опременост на првиот производствен капацитет за био дизел - еколошко гориво во Македонија, инвестиција вредна 9,8 милиони евра – средства обезбедени од сопствени извори. Технологијата што ја нуди компанијата ГЕА Вестфалија овозможува целосна искористеност на влезните суровини, без отпадни материи што би ја загадувале околината. Био дизелот е алтернативно, антитоксично, биолошки разградливо, еколошко гориво, создадено од суровини од разновидно растително потекло.

Г-дин Илија Тикваровски, технички директор на “Брилијант“ и г-дин Арнолд Јакубчик, менаџер за продажба на ГЕА Вестфалија, денес го потпишаа договорот за технолошка опрема на новата фабрика за био дизел гориво на компанијата Брилијант, со што се обезбедува врвна технологија во производството на еколошко гориво и во нашата земја.

Производството во идната фабрика, со површина од 500 квадратни метри, распоредени на четири нивоа, ќе биде целосно автоматизирано, со годишен капацитет на 100 илјади тони био дизел, објасни Роберт Зелденраст, технолог од германската компанија. Со тоа Р. Македонија, преку компанијата “Брилијант“ влегува во списокот на земји во кои се создаваат современи технолошки капацитети и производи примерени на стандардите на иднината.

Зборувајќи за био дизелот како за алтернативно, еколошко гориво, техничкиот директор на Брилијант, Иван Тикваровски, нагласи дека био дизелот е антитоксично и биолошки разградливо гориво што најчесто се користи како мешавина, односно како додаток на нафтените деривати. Претставувајќи ја ГЕА Вестфалија, менаџерот за продажба Арнолд Јакубчик, нагласи дека станува збор за компанија која со 46 проценти учествува во вкупното светско производство на висока технологија во прехранбената индустрија и со над 85 отсто од светското производство на технологија за био дизел.

“Био дизелот претставува обновлива енергија која го стимулира земјоделието. Секоја година можат да се сеат нови површини со маслодајни култури, како и, согласно потребите, тие да се зголемуваат. Соодветно на европската регулатива, до 2010 година био дизелот треба да замени 5,75% од минералниот дизел, а до 2020 овој процент ќе изнесува дури 20%“, рече Јакубчик.

назад

 
  Developed by: VIZIJANET